Легендарниот италијански тренер, Ариго Саки инсистира дека титулите на Милан и на Наполи во италијанската Серија А се вистински доказ дека „идеите ги победиле парите“ во италијанскиот фудбал.
Тренерот на „Гранде Милан“ од крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, кој исто така ја однесе Италија до финалето на СП во 1994 година, смета дека последните две сезони даваат совршена слика на италијанскиот фудбал.
„Веќе две години, скудетото оди кај тимот кој го играше најобриот фудбал, Наполи после Милан. Конечно, идеите ги победија парите. Во Европа, сепак, ситуацијата е малку поинаква. Вистина е дека имавме клубови во трите европски финалиња, но загубивме во сите три и сега потребни ни се нови идеи и добар фудбал“, вели Саки.
Интер загубија со 1:0 од Манчестер сити во финалето на Лигата на шампиони, Рома загуби од Севилја на пенали во финалето на Лига Европа, додека Фиорентина загубија со 2:1 од Вест хем во финалето на Конференциската лига.
„Манчестер сити стигнаа до тоа финале со малку енергија, бидејќи победуваа на сите страни. Проблемот во Италија е што стартуваме со комплекс на инфериорност, и затоа користиме пет дефанзивци против тројца напаѓачи“, оценува Саки.