Репрезентативецот на младата германска репрезентација, Јусуф Мукоко ги осуди расистичките навреди, кои преку социјалните мрежи беа упатени кон него и соиграчот Џесико Нганкам, по двата промашени пенали во синоќешното реми 1:1 против Израел на Европското првенство за играчи до 21 година.
„Ако победиме, сите сме Германци. Кога губиме, има коментари за мајмуните. Џесико доби навреди и мене ме навредуваа. Вакви работи едноставно не се дел од фудбалот“, изјави 18. годишниот Мукоко, кој е роден во Камерун и е член на Борусија Дортмунд.
„Не промашуваме намерно, се обидуваме да му помогнеме на тимот. Кога добивате такви пораки, тоа е одвратно“, додаде Мукоко.
Во одбрана на своите играчи застана и селекторот на Германија, Антонио Ди Салво.
„Мора да има казни. Ова е апсурдно. Тоа се момци кои сакаат да играат за Германија, кои се Германци, кои даваат се за земјата. Секаков вид на расизам и дискриминација, тоа е најниско ниво, тоа воопшто не е прифатливо“, заклучи Ди Салво.