Откако „Пласар“, бразилскиот фудбалски магазин го именуваше Нејмар како најголем фудбалер кој го дал Бразил по Пеле, со свој коментар се јави и поранешниот тренер на Челси, Интер, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, кој не сакаше да зборува зошто тука не се Роналдо, Ривалдо, Зико или Роналдињо, туку само порача дека Нејмар нема освоено светска титула.
Околу квалитетите на Нејмар нема сомнеж, тој доминираше со Барселона и со Пари Сен-Жермен, а пред да дојде во Европа играше и за Сантос, тимот во кој започна и Пеле. Сепак, на интернационално поле, го нема овој успех. Тој го освои олимпиското злато со Бразил и Купот на конфедерации, но нема трофеј од Копа Америка, да не зборуваме за Светското првенство.
Во полуфиналето во 2014, тој беше повреден за незаборавниот 7:1 пораз од Германија, додека минатата година Бразил загубиј од Белгија со 2:1 во четврт-финалето, а Нејмар беше повеќе на насловните поради уметноста на глумењето отколку поради головите.
„Нејмар е фантастичен талент и никој не се сомнева во тоа. Тој дојде во Европа и веднаш победуваше. Но, мислам дека магазинот заборавил некои фудбалери кои беа најдобри во одреден момент, како Роналдо и Ривалдо, а можам да набројам уште некои. И тие дојдоа во Европа и беа фантастични, но исто така освоија светски титули. Нејмар мора да сонува за титула со Бразил“, вели Мурињо.
Бразилецот ќе добие шанса за трофеј ова лето кога неговата татковина е домаќин на Копа Америка.