Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо беше забележан на натпреварот меѓу Шведска и Италија во петокот во Стокхолм, и шпекулациите велат дека бил на натпреварот во „тајна мисија“ за ангажирање на фудбалери.
Тој беше забележан заедно со напаѓачот на Јунајтед, Златан Ибрахимовиќ, кој нормално беше таму да ја бодри својата репрезентација. Некои тврдеа дека Мурињо е во Шведска да ги гледа своите играчи – Виктор Линделоф од едната страна и Матео Дармијан од другата.
Но, други шпекулации велат дека Мурињо е значително заинтересиран за Емил Форсберг, 26-годишниот шведски репрезентативец кој настапува за бундеслигашот РБ Лајпциг. Форсберг и во текот на летото беше поврзуван со Јунајтед, но потоа не се слушна ништо околу можниот трансфер.
Форсберг се смета за најталентираниот играч на Лајпциг покрај Наби Кеита (кој веќе има потпишано пред-договор со Ливерпул). Останува да се види дали тука има нешто повеќе од обични шпекулации.
Можеби Мурињо едноставно сакаше да гледа добар фудбал. За што требаше да оди на Белгија-Мексико на пример.