Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ имаше само пофални зборови за својот ривал од Рома, Жозе Мурињо пред утрешниот меч, велејќи дека само еднаш во животот се скарале, но потоа останале блиски пријатели.
Михајловиќ, кој помина хемотерапија и трансплантација на коскена срж при борбата со леукемијата, вели дека секогаш бил близок со Португалецот, кој бил тука за него во најтешките моменти.
„Тој е голем тренер и голем човек. Ми пиша кога станав дедо, велејќи дека едвај чека да му се случи и нему тоа. Многу сум среќен што ќе се видиме. Секогаш сум го сакал, само на почетокот се каравме. Еднаш тој кажа нешто против мене, и јас одговорив дека не можам да зборувам со некој кој никогаш не играл фудбал на највисоко ниво. На крајот, ги разјаснивме работите и станавме пријатели. Дури и кога бев болен тој беше тука за мене и нема да го заборавам тоа. Доаѓаме од две земји каде што да си итар и лојален е главна одлика на луѓето, така што имаме нешто заедничко“, вели Михајловиќ.
И Мурињо, на својата прес-конференција ги врати комплиментите.
„Синиша е еден од моите, од нашите. Тој е голем пријател со мојот голем пријател Дејан Станковиќ и така автоматски станува мој пријател. Ние како јавни личности можеме да имаме позитивно влијание и тој имаше многу позитивно влијание на сите кои имаат слична болест како него. Покажа неверојатна сила и храброст. Имам само почит кон него. Тој ми се заблагодарува за мојата поддршка, но јас треба да му се заблагодарам нему за примерот кој го дава на сите“, изјави Мурињо.