Жозе Мурињо, во јуни 2016 година ја презеде тренерската функција во Манчестер Јунајтед, а доби отказ на 18.декември 2018 година. Португалецот на „Олд Трафорд“ се задржа две и пол години и во тој период освои три трофеи (Комјунити шилд, Лига куп и Лига Европа).
Мурињо, во својот мандат, во Манчестер Јунајтед донесе 11 фудбалери за чии трансфери потрошил 466,5 милиони евра.
Веднаш по своето назначување на функцијата Португалецот го собори трансфер рекордот. Во 2016 година Манчестер Јунајтед плати 105 милиони евра за да го врати во клубот Пол Погба.
По Погба, Мурињо ги донесе Хенрик Мхитаријан (42 милиони евра), Ерик Баи (38), додека Златан Ибрахимовиќ пристигна како слободен играч.
Наредното лето, во Јунајтед пристигнаа тројца нови играчи, за сума од 165 милиони евра. За Ромелу Лукаку на Евертон му беа платени 85 милиони евра, Немања Матиќ пристигна од Челси за 45 милиони евра, Бенфика од трансферот на Виктор Линделоф заработи 35 милиони евра.
Во јануарскиот преоден рок во 2018 година, клубот се засили со Алексис Санчез. Манчестер Јунајтед и Арсенал решија да разменат играчи. Јунајтед платиле 34 милиони евра за Санчез да се пресели во Јунајтед, а Мхитаријан го испратија во Арсенал.
Минатото лето на „Олд Трафорд“ пристигна Бразилецот Фред за 59 милиони евра, за младиот португалски бек Диого Дало Јунајтед платија 22 милиони евра, а за голманот Ли Грант се издвоени 1,5 милиони евра.