Top Sport

Мурињо немал трансфер-слобода во Јунајтед: Во Сити му купија четири бека на Гвардиола

Поранешниот тренер на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо тврди дека не добил доволно поддршка во плановите за купување на фудбалери  додека бил на чело на „Олд Трафорд“, посочувајќи дека во исто време Манчестер сити купиле четири бека по барање на нивниот менаџер Пеп Гвардиола.

Иако Јунајтед потроши 89 милиони фунти на Пол Погба и 75 милиони на Ромелу Лукаку додека Мурињо беше на чело на тимот, но тој сега признава дека не добивал доволно поддршка на пазарот на играчи. Мурињо на гостувањето на „Беин спортс“ како коментатор во саботата посочи колку пари и поддршка добивале Гвардиола во Сити и Јирген Клоп во Ливерпул.

„Во првата сезона, Гвардиола не стана шампион и беше тешко за него бидејќи очекуваа победнички тим. Веќе беа шампиони под Роберто Манчини и Мануел Пелегрини, а дел од фудбалерите беа двократни шампиони како Агуеро и Компани. Во втората сезона Пеп направи одлични одлуки со поддршка на тимот. Не ги сакаше Забалета и Сања, Коларов, ниту Клиши. Тоа лето продаде четири бека, и доби четири бека – Кајл Вокер, Данило, Бенжамин Менди и Фабијан Делф. Погледнете го Ливерпул – колку фудбалери беа тука пред да дојде Јирген? Без Алисон, ван Дајк, Робертсон, Салах, Фирмино, Мане, Фабињо, Кеита… Кога си менаџер и имаш можност да ги бираш своите фудбалери, кои ќе ја следат твојата идеја мора да има резултати. А, друго е кога го немаш тоа“, вели Мурињо.

Scroll to Top