Напаѓачот на Манчестер јунајтед, Златан Ибрахимовиќ најверојатно ќе замине од клубот на крајот на сезоната, призна менаџерот Жозе Мурињо.
36-годишниот Швеѓанец дојде во Јунајтед во 2016 година и има договор до крајот на сезоната, а подолго време се поврзува со трансфер во ЛА Галакси. Мурињо вели дека не знае дали Ибрахимовиќ ќе ја прекрати кариерата или ќе побара нов предизвик.
„За Златан, мислам дека ова е последната сезона во Манчестер јунајтед и тоа ќе биде лично негова одлука – дали ќе продолжи да игра или ќе сопре. Мислам дека самиот има право да го избере својот живот, својата иднина. По толку прекрасна кариера само повредата во ужасен момент ја скрши неговата претпоследна сезона со нас“, вели Мурињо.
Ибрахимовиќ, кој вчера ги израдува шведските фанови со тоа што не отфрли можност да настапи на Мундијалот во Русија, последен пат играше за Јунајтед само 45 минути против Барнли во декември. Лани тој беше најдобар стрелец за Јунајтед со 28 гола во 46 настапи, освојувајќи го Лига купот и Лигата на Европа.
„Оваа сезона беше навистина тешка за него. Сега не е повреден. Дали се чувствува среќен и подготвен да помогне на тимот во моментов? Не, но тој е толку искрен човек што не сака да се врати додека не биде 100 отсто подготвен. Се надевам дека ќе игра до крајот на сезоната“, вели Мурињо.