Top Sport

Раул Гонзалес: Иако сме под притисок, Вардар е фаворит против Висла

Европскиот првак Вардар во недела го игра последниот натпревар од групната фаза во А групата во Лигата на шампионите. Во СЦ „Јане Сандански” ќе гостува Висла Плоцк. Вардар е лидер во групата и за да остане на таа позиција против полскиот тим му е потребно да остане непоразен. Првото место во групата носи директен пласман во четврт-финалето во елитното натпреварување.

На првиот меч сезонава во ЛШ, Вардар победи во Полска со 26-22. Натпреварот во недела е важен за двете екипи, Вардар игра за првото место, а Висла сака да освои бодови со кои ќе може да го завери шестото место во групата и да се пласира во Топ16 фазата.

Вардар ја има најдобрата одбрана досега во лигата на шампионите со 310 примени голови, и вкупна гол разлика од + 49. За нашиот тим претстои пролет во која треба да ги браниме четирите освоени трофеи, овој во лигата на шампионите, во СЕХА лигата и во домашното првенство и Куп.

„Фаворити сме на овој натпревар и имаме шанса уште еднаш да завршиме на првото место на табелата. Работевме многу добро во последните денови, но имаме уште работи за подобрување. Мораме да го подобриме нашиот напад бидејќи тој не функционираше како што треба против Нант. На овој меч против Висла Плоцк влегуваме како фаворити. Сепак, мораме да го знаеме и тоа дека екипата на Висла секогаш игра многу подобро кога е гостин. Кога игра дома има проблеми, но она што можевме да го видиме на гостувањата кај Барселона и ПИК Сегед ни покажа дека на туѓ терен секогаш играат многу доба ракомет. Ние имаме мал притисок бидејќи мораме да го добиеме овој натпревар. Имам доверба во моите играчи и убеден сум дека заедно со нашите навивачи ќе знаеме како да стигнеме до посакуваниот резултат. Ако завршиме на првото место во што не се сомневаме тоа ќе биде уште еднаш голем успех за Вардар. Нашата одбрана е добра секогаш, но не е на нивото како што беше во декември. Ќе мораме да продолжиме да работиме силно и да ја креваме формата. Чупиќ тренира со нас. Тој одржа веќе тренинг. Долго беше надвор од терените. Коленото е подобро, но ќе видиме како ќе биде. Имаше долга пауза и пред натпреварот ќе видиме кој ќе игра, а кој не“, изјави во пресрет на натпреварот тренерот на „црвено-црните“, Раул Гонзалес.

„Факт е дека на натпреварите со Нант и со Загреб не одигравме како што знаеме и можеме. Сепак, тоа е нормално. Во спортот се случуваат и такви работи. Играме за прво место и ние мораме да бидеме мотивирани. Сè е во наши раце и се надевам дека ќе завршиме како што треба. Подобро сега да има пад на формата отколку подоцна. На ЕП имаше голем дел од играчите на Вардар, а потоа имавме и три патувања. Уште не сме во потребниот ритам и не сме на она ниво на кое знаеме да бидеме. Ни треба време и да бидеме заедно и да тренираме и мислам дека формата ќе оди само нагоре“, вели капитенот на тимот Стојанче Стоилов.

Дуелот в недела ќе започне во 17 часот.

Scroll to Top