Жозе Мурињо инсистира дека „не е љубоморен“ на тимовите на Ливерпул и Манчестер сити, велејќи дека Тотенхем е „поинаков“ клуб од ривалите за титулата во Англија.
Сити имаат две титули во низа од Премиер лигата, додека Ливерпул оваа сезона имаат 14 поени предност со натпревар помалку, додека Тотенхем, кои го ангажираа Мурињо во ноември, се само осми на табелата
„Тоа е тоа, не можеме да имаме тим како некои други. Тоа не сме ние. Ги гледав Манчестер сити со Астон вила и на клупата беа Стерлинг, Бернардо Силва, Гундоган, Отаменди… Ливерпул пак? Матип, Ловрен, Кеита, Фабињо… Но, не сум љубоморен бидејќи имам прекрасна работа, само поинаква“, вели Мурињо.
Португалецот тврди дека ангажманот во Тотенхем е најтешкиот за него од почетоците во Порто, каде што беше поставен за тренер во 2002 година, за две години подоцна да ја освои Лигата на шампионите со нив.
„Ова е вторпат да добивам тим во средина на сезоната. Првиот пат не беше лесно, бидејќи Порто не победуваше и имаше генерација која си заминуваше. Дванаесет фудбалери во аут, дванаесет нови фудбалери, ресетирање“, вели Мурињо.