Top Sport

Мурињо во солзи: За нас ова е Лига на шампиони

Фудбалерите на Рома се на чекор до триумф во првото издание на Конференциската лига – тимот од италијанската престолнина се пласираше во финалето на новото натпреварување откако во полуфиналниот дуел со вкупен резултат 2:1 беше подобар од Лестер.

Пласманот во финалето, емотивно го доживеа предводникот на Рома, Жозе Мурињо.

„Кога работите во Рим, кога живеете во Рим, кога го дишете Рим, тогаш знаете дека ова е вистинскиот клуб на нашиот град. Од првиот ден кога сум овде, чувствувам дека ова е голема работа. Сепак, во историјата на овој клуб немаме многу победи и многу финалиња. Историјата не е поврзана со социјалната димензија“, изјави Жозе Мурињо.

„Многу сум емотивен. Секако дека имав поголеми успеси во кариерата, но тоа не го чувствувам поради себе, туку поради луѓето кои работат овде и моите играчи. Ова е Лигата на шампионите за нас“, изјави трофејниот португалски тренер.

Доколку Рома триумфира во Конференциската лига, Мурињо ќе заокружи едно прекрасно достигнување – по трофејот во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, во колекцијата трофеи ќе ја има и првата титула на победникот на Конференциската лига.

Scroll to Top