Жозе Мурињо во првото интервју како нов тренер на Тотенхем вети промоција на младинскиот фудбал во северен Лондон и во исто време „удри“ на своите поранешни англиски клубови, Манчестер јунајтед и Челси.
Мурињо не е познат како тренер кој се фокусира на развојот на младите фудбалери, но сега, откако го замени Маурисио Почетино во Тотенхем, открива дека во минатото немал доволно добри „темели за работа“ за разлика од сега.
„Навистина ми се допаѓа тимот и фокусот на младите фудбалери, бидејќи нема менаџер на светот кој не сака да игра со млади фудбалери и да ги развива. Проблемот е што понекогаш сте во клубови каде што работата која е под вас не е доволно добра да ’произведе’ вакви фудбалери, така што тука ситуацијата е поинаква. Да се игра против Тотенхем на ’Вајт харт лејн’ секогаш беше тешко, но прекрасно. Таму секогаш се однесуваа кон вас со страст, но и со почит. Секогаш сум зборувал за потенцијалот на клубот и квалитетот на фудбалерите. Сега, не можете да кажете само убав стадион, туку морате да кажете: ’најдобар стадион на светот’. Никаде нема вакви услови, во цела Европа“, вели Мурињо.