Жозе Мурињо прво ги разочара навивачите на Манчестер јунајтед велејќи дека не очекува звучно засилување на последниот ден од преодниот рок, по што влезе во својата омилена заминација – расправиите со англиските новинари.
Јунајтед досега се зазсилија со бразилскиот играч од средниот ред Фред и португалскиот млад дефанзивец Диого Далот и многумина сметаат дека тимот нема шанси да се бори за титулата во Премиер лигата, посебно со тимови како Манчестер сити и Ливерпул.
Мурињо, кој за време на американската турнеја на тимот постојано се жалеше, сега вели дека минатогодишното второ место зад Сити е успех.
„Прво, тешко е да се верува дека завршивме втори лани. Ако ги читате весниците, тогаш ќе мислите дека ние испаднавме, а тие зад нас кои ништо не освоија како да биле на врвот на светот. Освоив осум титули и три во Премиер лигата, и продолжувам да мислам дека второто место лани беше едно од моите најголеми достигнувања во фудбалот“, изјави Мурињо.
Јунајтед ќе бидат без повеќе фудбалери на отварањето на сезоната против Лестер, откако Немања Матиќ беше на операција и се приклучи на повредените Андер Ерера, Антонио Валенсија, Далот, Серхио Ромеро и Маркос Рохо. Денеска на тимот се приклучуваат ѕвездите од СП, Пол Погба, Џеси Лингард, Ромелу Лукаку, Ешли Јанг и Маруан Фелаини, за кои е неизвесно дали ќе играат.