Top Sport

Мурињо за Реал: Не можам да бидам тренер на клуб кој веќе има тренер

Жозе Мурињо сакаше да ги отфрли шпекулациите кои го поврзуваат со можен кам-бек во Реал Мадрид како замена за Зинедин Зидан, посочувајќи дека очекува Французинот да ја „сврти“ работата со формата на „кралевите“.

Навивачите не се задоволни откако Реал имаше просечен старт на шампионатот и покрај купувањето на играчи, со ремија со Валјадолид и Вилјареал и со 3:0 поразот од Пари Сен-Жермен во Лигата на шампионите. Мурињо вели дека ситуацијата не е толку лоша како што изгледа, посебно во Ла лига, каде што Реал се на третото место со два поени помалку од лидерите Севилја.

„Тие се трети или четврти, нели? Блиску до првото место. Не е лошо ако се фокусираш на табелата. Сега играат со Севилја и ако победат ќе бидат пред нив. Барселона се зад нив, а Атлетико само еден поен напред. Шпекулациите? Една е таа околу Зидан, кој е во фудбалот цел живот и го знае притисокот. Другата шпекулација е таа која го поставува моето име и тоа не ми се допаѓа. Не би сакал да се вратам таму бидејќи имаат тренер и јас не можам да бидам тренер на тим кој веќе го има. Знам дека има притисок. Мадрид, Барселона, Атлетико, Манчестер јунајтед, Челси… Тоа се клубови со големи очекувања кои имаат добри играчи и тренери кои го даваат максимумот“, вели Мурињо.

Scroll to Top