Тренерот на Рома, Жозе Мурињо и играчите одбиле да разговараат со новинарите по натпреварот од 15. коло на италијанскиот шампионат со Фиорентина, пренесува „Тутомеркато“.
Натпреварот на Олимпискиот стадион заврши со резултат 1:1, а домашните го завршија мечот со девет играчи на теренот.
Судијата Антонио Рапуано ги исклучи Никола Залевски во 64 и Ромелу Лукаку во 87 минута. Дефанзивецот на Фиорентина Никола Миленковиќ доби директен црвен картон откако судијата означи крај на натпреварот.
Италијанските медиуми пренесуваат дека челниците на Рома одлучиле никој од претставниците на клубот да не ја коментира играта.
Рома по 15 кола е на четвртото место на табелата со 25 бодови. Водечкиот Интер има 13 бода повеќе. Фиорентина е шеста со бод помалку од Рома.