Top Sport

Мурињо: Сигурен сум дека во иднина ќе работам во Саудиска Арабија

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо, очекува во блиска иднина да започне со работа во Саудиска Арабија.

Португалскиот тренер ја покажа својата желба за водење на тимот на Саудиска Арабија за време на интервјуто за ТВ каналот МБЦ Египет, сопственост на саудиската МБЦ групација.

„Ќе одам во Саудиска Арабија, уверен сум дека ќе работам таму. Не знам кога, но прилично сум сигурен во тоа. Посветен сум на работата со Рома и сакам да му дадам се на клубот до последен ден“, истакна Мурињо по разочарувачкиот старт на сезоната.

„Никој не ја знае иднината, но јас дефинитивно ќе го направам ова – да работам во Саудиска Арабија“, рече тој.
Мурињо (60) неодамна изјави дека отфрлил огромна понуда од Саудиска Арабија да остане во Рома и трета сезона, откако го предводеше тимот да ја освои Конференциската лига и да стигне до финалето на Лига Европа.

„Во Саудиска Арабија вратата е секогаш отворена за мене. Сакам да го почувствувам развојот таму“, рече тренерот, кој предводеше тимови до национални титули во Шпанија, Англија и Италија, како и до две титули во Лигата на шампионите.

„Кристијано Роналдо беше првиот што отиде таму и веднаш даде поинаква перспектива. На почетокот играчите мислеа дека е игра на еден човек, но летото сфатија дека навистина сѐ се менува. Многу играчи, не само во последниот период од нивните кариери, но и некои играчи во најдобрите години од кариерата доаѓаат затоа што конкуренцијата е вистинска, не само во домашната лига, туку и Азиската Лига на шампиони е многу интересна“, изјави Мурињо.

Scroll to Top