Престојот на Жозе Мурињо во Фенербахче, кој заврши со негово отпуштање во август, доби нов, финансиски тежок епилог. Португалскиот тренер наводно го оставил поранешниот клуб со неплатена хотелска сметка во износ од 747 илјади евра, објави турскиот весник „Јеничаг Газетеси“, како што објави португалскиот „Record.pt“.
Мурињо помина 16 месеци на клупата на турскиот гигант, а речиси целиот тој период, поточно 15 месеци, бил сместен во луксузен апартман во хотелот „Фор Сизонс“ во Истанбул.
Вкупните трошоци за неговиот престој достигнале 36,5 милиони турски лири, што одговара на износ од речиси 750 илјади евра. Откривањето на овој долг, како што објавија медиумите, не било добро прифатено од навивачите на клубот.
Португалскиот стручњак доби отказ по елиминацијата во плејофот за пласман во главната фаза на Лигата на шампионите од Бенфика. Судбината сакаше, две недели подоцна тој да стане тренер на Бенфика.
Иако беше отпуштен, Мурињо има право и на значителна отпремнина од околу 15 милиони евра за предвремено раскинување на договорот што требаше да трае до 2026 година. Засега, останува нејасно кој ќе ја плати хотелската сметка, Мурињо или неговиот поранешен работодавач.
