Напаѓачот на Вулверхемптон, Адама Траоре оваа сезона го предизвика вниманието со своите огромни мускули и со физичката игра во нападот на „волците“, постигнувајќи четири гола и додавајќи четири пати за тимот на Нуно Еспирито Санто.
23-годишниот Траоре, кој е продукт на славната академија на Барселона, „Ла масија“, вели дека мускулите се резултат на генетика, а не на кревање на тегови.
„Мојот тренинг? Не кревам тегови. Знам дека нема да ми веруваат, но не го правам тоа. Се работи за генетика. Да, јас вежбам напорно, но добивам мускулна маса многу бргу“, вели Траоре.
Иако на неговата физичка градба сигурно генетиката го има своето, фотографиите од неговите почетоци во Барселона покажуваат дека мускулите не беа секогаш тука.
Добрата форма на Траоре ги зголеми шпекулациите дека тој ќе замине во поголем клуб, а неодамна самиот тој призна дека не би имал проблем да игра за Реал Мадрид. Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп исто така е голем фан на Траоре, опишувајќи го како поголема закана во нападот од напаѓачот на Лестер, Џејми Варди.
„Тој е навистина опасен фудбалер. Во големи простори, Варди е тешкод а го браните, но би кажал дека Траоре е уште потежок поради својата брзина. Во Мидлзборо беше добар, но сега во Вулверхемптон е уште подобар“, изјави неодамна Клоп.