Иако идејата на газдата на Челси, Тод Бели за организирање на Ол-Стар натпревар во англиската Премиерлига во стил „север против југ“ беше дочекана со потсмев и критики, на легендата на Ливерпул, сега менаџер на Астон вила, Стивен Џерард идејата навистина му се допаѓа.
„Лично јас, би сакал да го видам тоа. Би сакал да играм во таков натпревар. Северот би победил поради тоа што Ливерпул и Манчестер сити се најсилните тимови во лигата. Нешто што не е вообичаено, така што не верувам дека ќе се случи. Дефинитивно би извадил пуканки за таков меч. Тоа би било добро“, вели Џерард.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп се потсмеваше со идејата, велејќи дека ги очекува Харлем глобтротерс, но Џерард се согласува дека би било тешко да се организира таков меч поради напорниот календар.
„Се согласувам со тоа што го кажаа дел од менаџерите, дека имаме доволно мечеви да се фокусираме. Веќе има премногу натпревари, и тоа за нас кои не играме во Европа. Кога имате европски натпревари станува уште потешко“, додава Џерард.