Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп пред Мерсисајд дербито со соседите Евертон, вели дека тоа е „најинтензивното дерби“ во кое учествувал и признава дека ќе му недостасуваат „карамелите“ ако не успеат да изборат опстанок оваа сезона.
На „Енфилд“ утре се игра 240. дерби на Мерсисајд во кое, како и обично, на двата клуба им се потребни поени – на Ливерпул да останат во трката со Ман сити за Премиерлигата, а за Евертон да избегнат опстанок. „Карамелите“ се на само поен пред Барнли на 17. место на табелата, иако имаат натпревар помалку.
Клоп загуби само еднаш во 14 дербија, минатата сезона, кога Евертон славеа на „Енфилд“ првпат по 21 година со 2:0 триумф пред празни трибини.
„Да, ова можеби е најинтензивното дерби. Го сакам интензитетот и физичката игра во фудбалот, ако е во рамките на правилата и без претерувања. Овој меч е важен за двата клуба, но секогаш бил важен за Евертон. Дали ќе ми недостасува ако Евертон испаднат? Секако, сите сме навикнати на двата клуба во нашиот град и така треба да биде. Оваа недела е малку поинако, бидејќи неодамна игравме со Јунајтед, но обично цела недела пред дербито се зборува само за тоа“, вели Клоп.