На поранешниот освојувач на италијанската титула со Интер, Мауро Белуџи, му ги ампутираа двете нозе поради компликации по заболувањето од КОВИД-19, но тој не ја загуби смислата за хумор.
70-годишниот Белуџи, кој играше како дефанзивец, покрај за Интер беше и во Болоња, Наполи и Пистоезе пред да се пензионира во 1981 година. Тој ја освои титулата со Интер во 1970/71 и играше во финалето на Европскиот куп во 1972 година, кое Интер го загуби од Ајакс со 2:0. Белуџи беше во болница од 4 ноември поради КОВИД-19 и бил на итна операција за ампутација на двете нозе.
„Дури ми ја земаа ногата со која дадов гол на Борусија Менхенгладбах. Сега се надевам дека ќе ми дадат некои ‘сечива’ за барем да можам да трчам брзо како Оскар Писториус“, изјави на шега Белуџи.