Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, би можел да биде суспендиран поради коментарите во кои го спореди начинот на кој Реал Мадрид комуницира со јавноста со нацистичка пропаганда.
Врховниот спортски совет на Шпанија (CSD) во четврток официјално го препрати случајот до Спортскиот административен суд (TAD), кој ќе одлучи дали постојат основи за покренување дисциплинска постапка против Хавиер Тебас.
Хавиер Тебас на мрежата „X„, коментираше за начинот на кој Реал Мадрид го коментира судењето и работата на Ла Лига преку својата клупска телевизија.
Во таа прилика, Тебас го спореди начинот на кој Реал комуницира со јавноста со пропагандата на нацистите и техниките што ги применувал Јозеф Гебелс.
Како што се очекуваше, Реал реагираше со соопштение во кое побара оставка од Тебас, а по тоа CSD се вклучи во целиот случај и побара од Спортскиот административен суд да утврди дали изјавите на Тебас претставуваат прекршување на член 76.4 став б од Законот за спорт.
Оваа одредба ги дефинира јавните дејствија што го нарушуваат угледот и достоинството на спортот како сериозни прекршоци.
Доколку TAD утврди дека Тебас направил прекршок, првиот човек на Ла Лига ќе се соочи со јавна опомена, парична казна од 600 до 3.000 евра или дури и забрана за вршење спортски должности во период од 30 дена до две години.
Тебас коментираше за оваа ситуација и оцени дека CSD останува доследен во својата желба да најде причина да го суспендира или отстрани од функцијата.
Foto/ Depositphotos
