Top Sport

На трансфер листата 11 играчи со вкупна вредност од 161 милиони евра

ПСЖ предводен од Килијан Мбапе доживеа елиминација во осминафиналето на Лигата на шампионите од Реал Мадрид, кој подоцна ја освои титулата. Елиминацијата беше страшен удар за челниците на клубот, за кои освојувањето на најпрестижното клупско фудбалско натпреварување е единствениот вистински критериум за успех.

Клупските челници во финишот на сезоната го одработија најважниот дел од работата во ПСЖ, го убедија Мбапе да го продолжи договорот. Со доаѓањето на Кристоф Галтие и Луис Кампос клубот ги реши прашањата на тренерот и спортскиот директор, а сега дојде време да се направи чистка во соблекувалната.

„Le Parisien“, пишува дека на трансфер листата има дури 11 играчи чија вкупна вредност изнесува 161 милион евра.

На листата се: Мауро Икарди (проценета вредност од 22 милиони евра), Јулијан Дракслер (18), Лајвин Курзава (5), Абду Диало (18), Тило Керер (22), Леандро Паредес (17), Идриса Геје (12). Андер Ерера (10), Џорџињо Вајналдум (18), Јуниор Дина Ебимбе (5) и Данило Переира (14).

Проблем е фактот што не сите играчи се подготвени да си заминат од ПСЖ, што не е чудно ако се земат предвид платите што ги имаат во редовите на францускиот шампион.

Икарди е меѓу првите кои не сакаат да го напуштат клубот.

Досега од ПСЖ си заминаа само Алфонс Ареола (за 9,3 милиони евра во Вест Хем), Анхел ди Марија (без отштета во Јувентус) и Чави Симонс (без отштета во ПСВ).

Што се однесува до засилувањата, ПСЖ го откупи Нуно Мендеш (од Спортинг за 38 милиони евра), а во клубот пристигна Витиња (од Порто за 41,5 милиони евра).

Но, ПСЖ нема намера да застане тука, на врвот на листата на потенцијални засилувања се Милан Шкриниар (Интер), Џанлука Скамака (Сасуоло) и Ренато Санчес (Лил).

Scroll to Top