Францускиот новинар Фредерик Ермел е човекот кој го „следи“ Зинедин Зидан во текот на целата негова фудбалска и тренерска кариера, така што неговата нова книга со едноставен наслов „Зидан“ секако ќе предизвика големо внимание на љубителите на францускиот ас.
Ермел е близок со Зидан од неговото пристигнување во Реал Мадрид во 2001 година, и во интервју за „Марка“ открива кој бил најголемиот страв на големиот Французин.
„Една анегдота која ми ја кажа додека бевме во авион со Алфредо ди Стефано по доделувањето на ’Златната топка’ ми остана во сеќавањата. Зборувавме за животот и тој ми кажа: ’Стравувам само од едно, моите деца да не станат мали ’идиоти’’. Тоа беше страв на супер-познат татко кој сакаше да ги заштити своите деца и да им приушти нормален живот. Затоа тој лично одеше на сите родителски средби како секој нормален човек“, вели Ермел.
Новинарот исто така смета дека Зидан и покрај својата блескава кариера како фудбалер, станал многу подобар тренер.
„Тоа е една од теориите во мојата книга, ќе биде многу подобар тренер отколку фудбалер. Има време. Има 10 трофеи во четири години и само 48 години. Тој прв пристигнува во тренинг-центарот Валдебебас и последен заминува. Мислам дека по Реал Мадрид ќе направи пауза и ќе стане француски селектор. Бидејќи е огромен навивач на Марсеј не гледам можност да стане тренер на Пари Сен-Жермен. Можебиво некои историски клубови како Јувентус или Баерн. Тој е човек кој го сака фудбалот. Кога работеше да стане тренер, три дена го гледаше Пеп Гвардиола во Баерн. Мислам дека се многу добри пријатели“, додава Ермел.