Top Sport

Нани замина во пензија

Португалецот Нани, фудбалер кој освои се со Манчестер јунајтед, а со Португалија беше европски првак во 2016 година, стави крај на фудбалската кариера. Тој тоа го потврди со емотивна објава на социјалните мрежи, во која се прости од своите фанови и им се заблагодари на сите кои му помогнале во кариерата.

„Дојде време да се збогувам, решив да ја завршам кариерата како професионален фудбалер. Беше неверојатно и би сакал да им се заблагодарам на сите кои ми помогнаа и ме поддржуваа во добри и лоши моменти од мојата кариера повеќе од 20 години и ми овозможија незаборавни моменти. Време е да свртам нов лист и да се фокусирам на нови цели и соништа. Се гледаме наскоро. Благодарам“, напиша Нани над видеото.

Нани кариерата ја започна во Спортинг од Лисабон, со кого за три години три пати беше шампион на Португалија, а потоа се пресели во Јунајтед. Четири титули во Премиер лигата и една во Лигата на шампионите се само дел од 12-те трофеи што ги освои со „црвените ѓаволи“. Потоа играше во Фенербахче, Валенсија, Лацио, се испроба и во МЛС, Австралија… пред да објави крај на кариерата.

Тој дебитираше за португалската репрезентација во 2006 година под водство на Луис Фелипе Сколари, одигра 112 натпревари и постигна 23 гола. Врвот на кариерата го имаше во репрезентативниот дрес пред осум години на ЕП во Франција. На патот на Португалија до титулата учествуваше со три гола и една асистенција.

Scroll to Top