Top Sport

Наполи ги задржа шансите, Севилја со неверојатен кам-бек против Ливерпул (видео)

Италијанскиот вице-шампион Наполи остана во игра за пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите, откако со одлична игра во второто полувреме го „торпедираше“ украинскиот Шахтјор со 3:0.

Лоренцо Инсиње со исклучително убав гол, Пјотр Зиелински и Дрис Мертенс беа луѓе на одлука на „Сан Паоло“ во второто полувреме за Наполи да се одмазди за 2:1 поразот во Украина, и пред последното коло во групата Ф да остане со шанси за пласман.

Бидејќи Наполи останува три поени зад Шахтјор, „партонепеи“ ќе мораат да победат на гостувањето кај Феенорд и да се надеваат дека Манчестер сити ќе  победи на гостувањето кај Шахтјор.  Сити преку голот на Рахим Стерлинг ги совлада отпишаните Феенорд во 88. минута.

Ливерпул водеше со 0:3 по само 30 минути на стадионот „Рамон Санчез Пизхуан“, но на крајот мораше да се задоволи со 3:3 реми со Севилја, за патниците за осминафиналето да се решаваат во последното коло.

Роберто Фирмино со два гола и Садио Мане со еден гол најавија лесен пат на „Црвените“ и запечатување на местото меѓу 16-те најдобри, пред Севилја да направи неверојатен кам-бек и со голот на Гвидо Пизаро во 90-титата минута да обезбеди реми.

Тотенхем остана на првото место во групата Х, откако се врати од еден гол негатива за тешко извојувана победа во Дортмунд, додека Реал Мадрид се „прошета“ до Никозија за 6:0 победа.

Пјер-Емерик Обамејанг го прослави кам-бекот во составот на Борусија Дортмунд со гол во 31. минута за водство на „Вестфален“, пред во второто полувреме, прво Хери Кејн, а потоа и Хеуг-Мин Сон да обезбедат победа за импресивните „Спарс“.

Во групата Г ќе има интересен финиш, откако претходно Бешикташ обезбеди пласман во осминафиналето, откако Лајпциг доминираше на гостувањето кај Монако и предводени од Тимо Вернер и Наби Кеита стигнаа до 4:1 победа. Сега, Порто и Лајпциг имаат по 7 освоени поени пред последното коло, во кое во Португалија гостува Монако, додека Лајпциг ги пречекува Бешикташ. Порто има +2 гол-разлика, додека Лајпциг 0.

 

ГРУПА Е

Спартак Москва – Марибор 1:1

Севилја – Ливерпул 3:3

Табела: 1.Ливерпул 9, 2.Севилја 8, 3.Спартак М. 6, 4.Марибор 2

ГРУПА Ф

Манчестер сити – Феенорд 1:0

Наполи – Шахтјор Доњецк 3:0

Табела: 1.Манчестер с. 13, 2.Шахтјор 9, 3.Наполи 6, 4.Феенорд 1

ГРУПА Г

Бешикташ – Порто 1:1

Монако – РБ Лајпциг 1:4

Табела: 1.Бешикташ 11, 2.Порто 7, 3.Лајпциг 7, 4.Монако 2

ГРУПА Х

АПОЕЛ Никозија – Реал Мадрид 0:6

Борусија Дортмунд – Тотенхем 1:2

Табела: 1.Тотенхем 13, 2.Реал М. 10, 3.Борусија Д. 2, 4.АПОЕЛ 2

Бешикташ влезе во осминафинале (видео)

Драма во Москва, Марибор извлече реми (видео)

Scroll to Top