Малкумина би се обложиле дека Наполи нема да биде крунисан за италијански шампион, откако тимот на Лучано Спалети продолжи со победничката серија и пред комплетното 23. коло во Серија А направи предност од 18 поени пред Интер. „Партенопеи“ овојпат за нешто повеќе од половина час ги „суредија“ Сасуоло на гости со 0:2 за неверојатна 20-та победа во 23 кола!
Намерите на Наполи беа јасни од стартот на мечот – грузискиот „Кварадона“, Хвича Кварацхелија уште во 12. минута направи фантастичен соло продор по што лесно го совлада голманот Андреа Конзиљи, а втората голема ѕвезда на тимот, нигерискиот напаѓач Виктор Осимен во 33. минута го удвои водството.
Сасуоло се обиде да се врати во игра, но откако во 41. минута им беше поништен голот на Лориенте поради офсајд, до крајот на мечот не успеаја барем да ја намалат разликата на Наполи.
Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас, кого Спалети неодамна го испофали, беше стартер на мечот, за во 85. минута од мечот да биде повлечен за да му се даде шанса на Алесио Ѕербин.