Top Sport

Наполи го отпуштија Сари, добредојде Карло Анчелоти (обновено)

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис и официјално потврди дека Маурицио Сари заминува од клупата на „партенопеи“ откако се договори со Карло Анчелоти да го предводи тимот од јужна Италија. Сари, според сите шпекулации, ќе заврши во Челси на местото на уште еден Италијанец, Антонио Конте.

„Му се заблагодарувам на Маурицио сари за посветеноста кон Калчо Наполи, со која дозволи градот и сите навивачи низ светот да почувствуваат престиж и емоции, креирајќи стил на фудбал кој беше ценет насекаде. Браво Маурицио“, напиша Де Лаурентис на Твитер.

Сари подолго време размислуваше за опциите за иднината, но по состанокот од три часа меѓу Де Лаурентис и Анчелоти, газдата на Наполи реши да направи промена. Иако Челси е најверојатна опција доколку Роман Абрамович го отпушти Антонио Конте, Сари има понуда и од Зенит, а може да реши и да паузира една сезона.

Со Наполи, Сари оваа година беше најсериозниот конкурент за титулата на Јувентус, поставувајќи рекорден број на поени во лигата (91). Тој е единствениот тренер во Серија А чиј тим постигнал 90 гола, а не освоил скудето.

59-годишниот Италијанец дојде на „Сан Паоло“ во јуни 2015 година и имаше скор од 98-25-25 со клубот.

Анчелоти доаѓа во Наполи со огромна репутација зад себе, откако прво беше во игра за местото италијански селектор, кое на крајот отиде кај Роберто Манчини. Анчелоти добива тригодишен договор, а останува да се види буџетот со кој Наполи ќе се обиде следната сезона да го симне Јувентус од тронот.

„Не можам сега да зборувам, ќе се видиме на 9 јуни“, изјави кратко Анчелоти по состанокот со Де Лаурентис, посочувајќи на датумот на неговата официјална презентација.

Фото: ЕПА

Scroll to Top