Top Sport

Вивијани најбрз на дождот за четврта етапна победа (видео)

Италијанецот Елија Вивијани стигна до својата четврта етапна победа на Џиро Д’Италија во рутински триумф на дождот по 17. етапа во Исео за речиси сигурно да ја обезбеди „маља чикламино“, титулата за најдобриот спринтер на Џирото.

29-годишниот Вивијани (Квик Степ) доби одлична поддршка од своите колеги Фабио Сабатини и Зденек Стибар, за да го победи Ирецот Сем Бенет и да докаже дека е најбрзиот велосипедист на 101. издание на Џирото.

При силен дожд на езерото Изео во северна Италија, Вивијани го победи Бенет (Бора-Хансгрое) и Италијанецот Николо Бонифацио (Бахреин Мерида) за да стане првиот италијански спринтер по Алесандро Петаки во 2005 со четири етапни победи на едно Џиро.

Силното темпо на етапата донесе многу обиди за соло-победа, така што ривалите во генерален пласман мораа да внимаваат во речиси 3 часа во кои ги поминаа 155-те километри, но на крајот немаше изненадувања. Сајмон Јејтс (Мичелтон-Скот) остана на 56 секунди пред актуелниот шампион Том Думулин (Санвеб) пред три планински етапи на Алпите на кои ќе се „скрши“ трката.

Фото: ЕПА

Scroll to Top