Наполи е во потрага по нов тренер на местото на Руди Гарсија. Актуелниот шампион во Серија А веќе заостанува 10 бода зад лидерот Интер по 12 кола. Гарсија отказот си го потпиша по шокантниот пораз на домашен терен од Емполи минатиот викенд.
Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис го сведе изборот на две имиња, Игор Тудор или Валтер Мацари.
Италијанските медиуми и Фабрицио Романо пишуваат дека преговорите меѓу Де Лаурентис и искусниот стручњак Мацари се во тек. Во Наполи сакаат да доведат тренер кој би прифатил договор до крајот на оваа сезона, на што е подготвен Мацари, додека Тудор не се откажува од барањето да потпише договор до крајот на следната сезона.
Мацари (62) веќе го водеше Наполи од 2009 до 2013 година и со него го освои Купот на Италија во 2012 година, а една година подоцна заврши на второто место во првенството.
Потоа ги тренираше Интер, Ватфорд, Торино и Каљари, без работа е од мај минатата година.