Top Sport

Насри се врати со асистенција, Рајс им пресуди на Арсенал (Видео)

Фудбалерите на Вест Хем ги совладаа колегите од Арсенал со 1:0, во лондонското дерби, со кое денес е отворено 22.коло во Премиер лигата.

Вест Хем по пауза од 12 години стигнаа до победа над Арсенал на домашен терен. Пресуди голот на 19-годишниот Деклан Рајс постигнат на почетокот на второто полувреме.

Дуелот ќе се памети и по дебито на Самир Насри за Вест Хем. Поранешниот играч на Арсенал се врати на фудбалските терени по едногодишната суспензија поради допинг.

Домашните фудбалери одиграа многу подобро од противниците, добро ги затворија сите приоди кон голот на Фабијански. Вест Хем на Арсенал им дозволија само една чиста шанса во текот на целиот меч. Во првиот дел Фабијански го одбрани ударот на Лаказет.

За разлика од Арсенал, Вест Хем константно вршеше притисок кон голот на Лено. Во првиот дел некои од шансите не успеаја да реализираат Фелипе Андерсон, Антонио, Насри, Арнаутовиќ и Нобл.

Стартот на вториот дел донесе голема радост за домашните навивачи. Насри му асистираше на Ирецот Рајс, кој со прецизен удар од 15 метри го совлада Лено.

19-годишниот Ирец го постигна дебитантскиот гол во Премиер лигата.

Во наредното коло Арсенал ќе го игра дербито против Челси, а Вест Хем ќе гостува кај Борнмут.

Scroll to Top