Хрватскиот фудбалер Иван Ракитиќ е незадоволен што Севилја во неделата пред своите навивачи освои само бод против Виљареал, но јавно го поддржа тренерот Диего Алонсо, чија оставка бараат навивачите.
„Еден поен не е доволен. Бевме поблиску до освојување на три бода, но ова е ситуација во која често се наоѓаме“, изјави 35-годишниот Ракитиќ по ремито 1:1.
Кике Салас погоди во 75. минута за водство на Севилја, но само две минути подоцна Виљареал израмни со голот на Моралес.
„Се обидовме, се боревме, не се откажавме… тимот покажа желба. Уште еднаш им благодарам на навивачите за поддршката“, изјави Ракитиќ за телевизијата Мовистар.
Навивачите се незадоволни бидејќи ниту новиот тренер Алонсо не успеа да го раздижи тимот кој игра лошо од почетокот на сезоната. Севилја има само една победа на последните 13 натпревари и тоа против клуб од третата лига во Купот на Шпанија.
„Имаме максимална доверба во тренерот. Фудбалот е едноставно суров затоа што напаѓавме, вложивме многу труд за да постигнеме гол, а потоа веднаш примивме гол“, изјави Ракитиќ.
Тој призна дека навивачите не заслужуваат толку лоши резултати поради кои Севилја се наоѓа на 15. место во Примера и на последното место во групата во Лигата на шампионите.
„Но, не сме без енергија, не сме ги спуштиле главите, верувам дека конечно ќе дојдеме до победата која очајно ни е потребна“, заврши Ракитиќ.