Top Sport

Навивачите на Динамо во притвор ќе останат уште најмалку шест месеци

Навивачите на фудбалскиот клуб Динамо од Загреб ќе останат во грчките затвори уште најмалку шест месеци, објави денеска Вечерњи лист, повикувајќи се на изјавите на адвокатите.

Првата група навивачи, во понеделникот , дадоа изјава пред судот во Атина.

„Следната одлука што ја чекаме е кој ќе излезе од истражен притвор и кој ќе одговара и кој ќе оди на судење, а кој на слобода“, рече адвокатот.

Дотогаш ќе помине најмалку половина од максималниот истражен рок од 18 месеци, наведува Вечерњи лист.

Вкупно 102 хрватски навивачи се во затворите ширум Грција, каде што беа уапсени во август поради нереди ден пред натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите против АЕК, во кој беше убиен навивач на грчкиот клуб.

Грчкиот адвокат на мнозинството навивачи на Динамо, Атанасиос Каименакис, некогашен член на навивачката група на Панатинаикос „Гејт 13“, по завршувањето на распитот на неговите клиенти изјави дека за 60 од 90-те што тој ги застапува нема материјални докази, нема видеа, нема примероци од ДНК врз основа на кои се задржани во истражен затвор.

„Нашата одбрана е цврста, апелирам до семејствата на моите клиенти да останат смирени. Кога ги посетив Бед Блу Бојс во затворите, чуварите ми рекоа дека се крајно дисциплинирани и добро се однесуваат. Многу сум горд на нив“, изјави Каимеакис.

Меѓутоа, кога навивачите беа донесени во судот од полициската станица, тие извикуваа пцовки кон луѓето што беа собрани пред судот, пренесе Хина.

Неофицијално се дознава дека читањето на приговорите би можело да трае околу 15 дена, на што ќе работат бројни преведувачи. Пред судијата ќе се појават уште 44 членови на Бед Блу Бојс, додека останатите ќе дадат изјави во среда.

Scroll to Top