Веќе по поразот во првото коло од Премиер лигата, навивачите на Манчестер јунајтед почнаа да повикуваат на бојкот кој треба да започне во третото коло кога на „Олд Трафорд“ ќе се одигра најголемото англиско дерби. Во понеделник на Јунајтед ќе им гостува Ливерпул.
Навивачите ја продолжуваат борбата против сопствениците, незадоволни од начинот на кој семејството Глејзер раководи со клубот. Тие повикуваат на бојкот на сите натпревари на тимот. Подготвени се на таква жртва, со надеж дека нивните протести ќе донесат подобри денови за култниот клуб.
Како што се наближува дербито со Ливерпул, се повеќе навивачки групи најавуваат некаков вид на протест.
Навивачката група „The 1958“ најави протест пред почетокот на дуелот меѓу Јунајтед и Ливерпул. Истата група минатата сезона организираше протести пред натпреварите со Брајтон и Норич, а се очекува овој пат да биде организиран и марш до стадионот со цел навивачите да бидат пред „Олд Трафорд“ половина час пред да пристигне тимот.
„За натпреварот со Ливерпул планираме протест за оние кои сакаат да ни се придружат. Во знак на поддршка за оние кои одат и оние кои не одат на натпреварот, како и оние кои ќе патуваат на натпреварот, сакаме да покажеме колку навивачите ја изгубиле врската со сопствениците. Сите идеи се добредојдени, ги повикуваме сите што имаат некакви планови да не контактираат за да им дадеме помош, совет… Сите сме на иста страна и тоа е најважно. Ова е војна, а не обична битка. Биди подготвен. Рибата смрди од глава“, објави оваа група на својата веб-страница.
Манчестер јунајтед ги загуби воведните два натпревари во Премиер лигата и со гол разлика 1:6 се наоѓа на последното место на табелата.