Top Sport

Навивачите на Лацио го прогласија Ачерби за „персона нон грата“

Лацио ги полни страниците на италијанскиот печат од почетокот на неделата. По наводното несогласување помеѓу тренерот Маурицио Сари и најдобриот играч Сергеј Милинковиќ-Савиќ, кое го демантираа главните актери во приказната, во центарот на вниманието дојде Франческо Ачерби.

Искусниот дефанзивец, од почетокот на сезоната, трпи критики дека не успева да се вклопи во системот на Сари и покрај тоа што е еден од најстандардните играчи во тимот.

Синоќа, против Венеција, Ачерби постигна гол, па со прославата им порача на навивачите дека треба да молчат. Следуваше експресна реакција на навивачката група на Лацио. Преку соопштение на Ачерби му порачаа дека тој е непожелен во клубот.

„Ачерби, човекот без чест, веднаш да го напушти Рим. Не може да му се прости ова предавство“, се наведува во соопштението.

Навивачите наведуваат дека во минатото на сличен начин протестирале против фудбалери кои многу повеќе направиле за клубот од Ачерби.

„Протестиравме против Кинаља, Неста, Михајловиќ, против фудбалери кои имаа многу повеќе чест од поранешниот играч на Киево и Сасуоло…Со свирежи ќе го следиме секој негов потег додека тој е во клубот“.

Навивачите сметаат дека Ачерби имал можност во Венеција да им се извини, кога екипата, по завршувањето на мечот, застана пред трибината за да ги поздрави навивачите.

Како што пишува во соопштението, наместо да го направи тоа, Ачерби „како зајак“ избегал во соблекувалната.

Scroll to Top