Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, доби порака од навивачките групи на клубот да се фокусира на својата тренерска работа, наместо да се грижи за посетеноста на „Етихад“ за време на европските натпреварувања.
По вчерашната победа над РБ Лајпциг (6:3) во Лигата на шампиони, Гвардиола ги повика навивачите да бидат во поголем број на стадионот за саботниот меч против Саутемптон, откако за мечот од ЛШ имаше 38.062 гледачи, иако капацитетот на стадионот е 55.000.
„Би сакал да има повеќе луѓе на следниот меч во сабота. Потребни ни се повеќе луѓе, ве молам, бидејќи ќе бидеме уморни. Затоа, дојдете повеќе, ве молам“, изјави Гвардиола.
Сити, за разлика од другите англиски клубови, се мачи со домашната посетеност во Лигата на шампионите, нешто за што добиваат критики и од другите навивачи, кои сметаат дека тоа е доказ дека се „мал“ и „вештачки“ клуб.
Кевин Паркер, главниот човек на официјалниот фан-клуб на Сити, се налути на изјавата.
„Малку сум изненаден и не знам каква врска има тоа за него. Тој не сфаќа дека на дел од луѓето име проблем да дојдат на меч во среда навечер во 8 часот. Можеби имаат деца дома, можеби не можат да си приуштат, и затоа не треба да коментира. Да, тој е најдобриот тренер на светот, и мислам дека треба да се фокусира на тоа што го знае. Наместо да зборуваме за добриот меч, зборуваме за Пеп“, вели Паркер.