Иако досега ова лето потрошија над 300 милиони евра на засилувања, Зинедин Зидан побара претседателот Флорентино Перез да се ангажира, да најде пари и да купи барем уште три нови играчи, тврди „Диарио гол“.
Мадрид го донесе Еден Азар од Челси за 100 милиони евра како најголемо засилување за тимот на Зидан, но тука се и Лука Јовиќ од Ајнтрахт Франкфурт, Едер Милисао од Порто, Ферлан Менди од Лион и Родриго од Сантос.
Според публикацијата, Зидан сака да ја засили средината на теренот, секако со Пол Погба како прва опција, иако сумата од 200 милиони евра која ја постави Манчестер јунајтед тешко дека ќе биде достижна. Наместо Погба, во игра може да влезе и Кристијан Ериксен, иако од Тотенхем објавија дека засега нема понуди за него, а во игра е и 22-годишниот Дони ван де Бек од Ајакс, кој импресионираше минатата сезона и ќе биде достапен за 60-тина милиони евра.