Давид де Хеа во текот на викендот направи огромен голмански кикс примајќи смешен гол од Вотфорд (при 2:0 поразот на Манчестер јунајтед), но „ѓаволите“ се познати по вакви киксови, како можеби најславната голманска грешка во Премиер лигата, дело на Италијанецот Масимо Таиби.
Иако поминаа 20 години, Таиби признава дека грешката го следи.
Во 1999 година, Таиби пристигна на „Олд Трафорд“ за сума од 4.5 милиони фунти, кога на гости дојдоа Саутемптон. Јунајтед водеа со 2:1, кога легендарниот Метју Ле Тисие шутна од над 30 метри, но обидот не беше добар така што дури и самиот напаѓач се сврте кон одбраната. Но, Таиби се постави зад топката, клекна да ја собере со две раце и дозволи топката да заврши во голот.
„Кога голман ќе направи грешка, неговата грешка секогаш е очигледна. Секако, соиграчите ме поддржаа во тој момент. Пред мечот Пол Сколс дојде и ми кажа: ’Внимавај на Ле Тисие’. Му кажав: ’Тоа е стариот?’. Кога ми даде гол Сколс дојде и се насмеа: ’Виде што ти направи стариот?’“, вели Таиби.
Таиби требаше да биде замена за Петер Шмајхел, кој си замина по освојувањето на тројната титула – Марк Боснич имаше проблеми со играта (и со кокаинот), а Рајмонд ван дер Гув и така беше само „резервист“. Таиби дојде од Венеција.
„Почнав многу добро во лигата против Ливерпул и добив награда за најдобар фудбалер на мечот. Но, тогаш дојде Саутемптон“, вели Таиби.
По ова тој доживеа уште една срамота, 5:0 поразот од Челси по што еден наслов во англиските медиуми го нарече „Слепецот од Венеција“. По четири меча, неговата кариера во Јунајтед беше готова, но тој не се лути.
„Зборуваме за феноменален тим и горд сум што сум дел од историјата, дури и на ваков начин“, вели Таиби.