Top Sport

Не плаќа алиментација – Ето поради ќерката може да заврши во затвор

Најдобриот камерунски фудбалер на сите времиња, Самуел Ето (42) е во големи проблеми и според шпанските медиуми се соочува дури и со затворска казна. Имено, шампионот на Европа со Барселона и Интер е во правен конфликт со една од ќерките која од него бара отштета и една година затвор за неисполнување на обврската за издршка.

„Мундо Депортиво“ пишува дека Ерика до Росарио Ниевес (23), законски признаена во февруари 2022 година како ќерка на славниот напаѓач, бара од својот татко значителна отштета.

Во моментот на правното признавање, судијата утврди дека поранешниот фудбалер на ќерката месечно треба да и плаќа алиментација од 1400 евра месечно за поддршка. Ето ја почитувал судската одлука и девојката сега бара казна за поранешниот камерунски репрезентативец со оглед на неплаќањето на алиментација за сето ова време.

„Тој и должи на ќерката повеќе од пет години поддршка, тоа се 90 илјади евра. Финансиската состојба на Ерика е многу слаба, додека Ето живее во луксуз“, изјави адвокатот на ќерката на Ето.

Дополнително, адвокатот рече дека е „ненормален“ фактот што поранешниот фудбалер се уште е претседател на Фудбалскиот сојуз на Камерун, со оглед на сите негови криминални досиеја. Ето беше осуден за даночна измама во Шпанија и казнет затоа што не плаќал издршка на една од другите ќерки.

Адвокатот Фернандо Осуна додаде дека Ето „може да биде осуден за злоупотреба на моќта, со оглед на супериорноста што ја покажува над Ерика“, а тој е убеден дека судскиот процес против него ќе се одржи во Мадрид.

Ерика До Росарио Ниевес е родена како резултат на врската на Ето со нејзината мајка пред 23 години. Мајката на младата жена, Адилеуса и Ето се запознале во ноќен клуб во Мадрид во 1997 година, кога Камерунецот бил член на Леганес.

Како резултат на врската, жената открила дека е бремена во февруари 1998 година, што му кажала на Ето, а тој се обврзал дека ќе се однесува одговорно кон детето, но и дал до знаење дека не е среќен што ќе добие дете.

Таа додаде дека за време на бременоста се обидела да комуницира со идниот татко, но тој не одговарал на нејзините телефонски повици или мејлови. Девојчето е родено во 1999 година во болница во Мадрид, кога фудбалерот беше член на Еспањол.

Scroll to Top