Флорентино Перез, првиот човек на Реал Мадрид, очајнички бара напаѓач кој ќе ја подобри ефикасноста на „кралскиот тим“. Реал, во Ла Лига, на 18 натпревари има постигнато само 26 гола, поради што се наоѓа на петтото место на табелата со десет бода помалку од водечката Барселона.
Според Перез, проблемите во нападот на Реал би можел да ги реши соиграчот на Горан Пандев во Џенова, Кшиштоф Пјатек.
Полскиот репрезентативец е вистинска сензација во Серија А и во моментов со 13 гола е втор на листата на најдобри стрелци. Пред него е само поранешниот ас на Реал, Кристијано Роналдо.
Шпанските медиуми шпекулираат дека Перез веќе понудил 60 милиони евра за напаѓачот, за кого велат дека е верна копија и вистински наследник на Роберт Левандовски.
Доколку оваа зделка биде заклучена, тогаш Џенова ќе заработи огромна сума на пари, бидејќи за трансферот на 23-годишниот Пјатек, на Краковија и платиле нешто повеќе од четири милиони евра.