Top Sport

Нејмар и Мбапе ќе стартуваат против Ливерпул

Нејмар и Килијан Мбапе се 100 отсто подготвени и ќе стартуваат во клучниот меч од Лигата на шампионите за Пари Сен-Жермен против Ливерпул во среда, потврди тренерот Томас Тухел.

Двете ѕвезди се повредија за време на интернационалната пауза – Нејмар доби повреда на стомачниот мускул на мечот Бразил-Камерун, додека Мбапе го повреди рамото во дуелот Франција-Уругвај, и тие не играа при 1:0 победата над Тулуз во текот на викендот.

„Нејмар е 100 отсто, исто како и Мбапе. Тие се подготвени, вчера и денеска тренираа и утре ќе бидат во тимот. Нема ризик да ги влошат повредите. Утре не чека важен меч, стратешки клучен за нас“, вели Тухел.

ПСЖ треба да се одмазди за 3:2 поразот на „Енфилд“, со што би се поставиле во најдобра ситуација за пласман понатаму. Францускиот клуб е на еден поен зад Ливерпул и Наполи и со победа против Ливерпул ќе ги чека само гостувањето кај Црвена звезда на 11 декември. Со пораз во среда, тие најверојатно се елиминирани.

Фото: ЕПА

Scroll to Top