Top Sport

Нејмар пред тест – трофејот од ЛШ подарок за збогување од Париз?

Пред своето прво финале од Лигата на шампионите со Пари Сен-Жермен, многу работи околу иднината на Нејмар се неизвесни, три години по неговото пристигнување во француската престолнина.

ПСЖ направија „земјотрес“ во светот на фудбалот, кога во 2017 година ја отплатија неговата откупна клаузула од Барселона за 222 милиони евра, почнувајќи една горчливо-слатка етапа во кариерата на несомнено талентираниот Бразилец.

По неуспесите во Европа кои се нижеа како на лента, вечерва тоа може да се смени кога ПСЖ ќе игра со Баерн Минхен за тронот на европскиот фудбал, и потенцијална победа ќе смени многу работи за можеби најбогатиот фудбалски клуб на светот.

Нејмар замина од Барселона за да излезе од „сенката“ на Лионел Меси и да ја освои „Златната топка“. Но, каењето почна веднаш и шпекулациите го поврзуваа со враќање во Каталонија, а Барса минатото лето не успеа и покрај сите обиди да го обезбеди неговиот потпис.

Иако многумина го обвинуваа дека тој е само „актер“ на теренот кој само се тркала по тревата или човек кој повеќе е загрижен за својата фризура отколку за резултатот, тие забораваат за каков неверојатен фудбалер се работи. Тој може да го направи со топката нешта што само најдобрите на светот го можат.

Навивачите на ПСЖ пак, можат да се оптимисти откако го видоа како страсно слави по победите над Аталанта и РБ Лајпциг. Од Франција доаѓаат вести дека тој верува во проектот и дека европската титула ќе биде круна на нивното постигнување. На патот стои само Баерн, застрашувачка екипа која ја декласира конкуренцијата и за која засега нема рецепт за сопирање. Тука нема да има простор за грешки.

И што ќе се случи ако ПСЖ успеат? Дали Нејмар ќе биде тука и следната сезона да ја брани титулата? Со трофеј, секако, работата ќе биде завршена, но дали постои клуб кој може да си го приушти Бразилецот?

Барселона се во незабележана криза, економска и структурна, така што е тешко да се верува во враќање. Реал Мадрид никогаш не престана да биде опција, а тука се и гигантите од Премиер лигата, и дури и Интер. Останува да се види.

Scroll to Top