Top Sport

Нејмар се предомислува, „Олд Трафорд“ можна дестинација?

Иако претходно се тврдеше дека одбивал било каква шанса да си замине од Париз, најскапиот фудбалер во историјата, Нејмар сега е отворен за идејата за трансфер од Пари Сен-Жермен, чувствувајќи се „предаден“ од сопственикот Наасер Ал-Хелаифи.

30-годишниот Бразилец пристигна во Париз во 2017 година за рекордни 222 милиони евра и има годишна плата од речиси 30 милиони евра, но и со него ПСЖ не успеаја да стигнат до главната цел, трофејот од Лигата на шампионите. Неодамна, Ал-Хелаифи не ја отфрли можноста Нејмар да замине од тимот.

„Дали е можно заминување на Нејмар ова лето? Можам само да ви кажам дека очекуваме сите фудбалери да направат многу повеќе од минатата сезона. Многу, многу повеќе“, изјави Ал-Хелаифи за „Ле паризиен“.

Нејмар, наводно, се пронашол во овие коментари на претседателот на клубот, со што се зголемиле шансите за негово заминување. Сепак, тоа нема да биде лесно да се оствари поради неговата висока плата и поради тоа што има уште три години од договорот со ПСЖ.

Според шпанскиот „АС“, Нејмар веќе бил понуден на Јувентус, но од италијанскиот клуб му било порачано дека тие не можат да му понудат иста плата како ПСЖ. Францускиот „РМЦ Спорт“, пак тврди дека Манчестер јунајтед би можеле да бидат опција, со што би се придвижил „домини-ефект“ – „ѓаволите“ би дозволиле Кристијано Роналдо да замине во Рома.

Scroll to Top