Нејмар сениор, такото на најскапиот светски фудбалер, доцна синоќа пристигнал во Торино на преговори со луѓето од Јувентус. Информацијата ја објави „Мундо Депортиво“, а веднаш потоа потврда доби и од италијанската „РАИ“.

Овие извори тврдат дека Нејмар постариот во Торино пристигнал за да го договори трансферот на својот син во редовите на италијанскиот шампион.

Фудбалерот не сака повеќе да игра за Пари Сен Жермен, тоа им го соопштил на клупските челници. Преферира трансфер во Барселона, но тој нема да се случи. Францускиот клуб за својот играч од Барса бара 300 милиони евра, откако бил одбиен предлогот „40 милиони евра плус Ракитиќ и Кутињо за Нејмар“.

Семејството Нејмар сега бара клуб низ Европа, односно ќе тропне на портите на неколку европски великани, покрај Јувентус се шпекулира со Баерн Минхен, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Сепак прво ќе преговараат со Јувентус, кој за Нејмар е интересен и поради даночните олеснувања кои стапија во сила во Италија.

Јувентус летово за сума од 75 милиони евра го донесоа Матијас Де Лихт, а како слободни играчи во тимот пристигнаа Арон Рамзи и Адријен Рабио.