Нејмар постигна гол во својот прв меч од јуни, но Бразил одигра само 2:2 со Колумбија во пријателски меч на „Хард рок стадионот“ во Мајами во петокот.
Ѕвездата на ПСЖ, кој не успеа да замине во Барселона ова лето, го постигна израмнувачкиот гол во 58. минута, но не успеа да ги предводи „селесао“ до победа и покрај тоа што ги одигра сите 90 минути. Ова беше негов 61. гол во 98 настапи за репрезентацијата, со што се доближи на еден гол од второпласираниот Роналдо, додека Пеле останува со рекордот од 77 гола.
Ова беше прв меч за 27-годишниот Нејмар по кинењето на лигаментите во скочниот зглоб во мечот против Катар на 6 јуни, поради што не настапи за Бразил на Копа Америка, каде што домаќините ја освоија титулата.
Касемиро ги донесе Бразилците во водство со удар со глава по корнерот на Нејмар по 19 минути игра, но Колумбијците седум минути подоцна израмнија со гол од пенал преку Луис Муриел. Истиот фудбалер набргу ги донесе Колумбијците во водство, пред Нејмар да израмни во второто полувреме.