Top Sport

Нема бунт во Челси, вели Антонио Конте

Менаџерот на Челси, Антонио Конте ги отфрли шпекулациите дека неговите играчи се постојано незадоволни поради неговите методи на тренинг.

Дел од англиските медиуми шпекулираа дека Италијанецот се соочува со „бунт“ поради екстремно напорните тренинг-сесии, меѓутоа Конте вели дека оваа година тие тренират „70 отсто помалку“ од минатата сезона кога ја освоија титулата во Премиер лигата.

„Не знам што да ви кажам. Првпат слушам. Кога играте секои три дена тешко е да работите и на тактичкиот и на физичкиот аспект“, вели Конте.

Во сабота, Челси, со 9 поени помалку од лидерите Манчестер сити, играат дома со Вотфорд, трет натпревар во само седум дена.

„Сините“ немаат победа во последните три меча – по поразите од Сити и од Кристал Палас и 3:3 ремито против Рома во ЛШ. Челси немаат три порази едноподруго во Англија од есента 2015, кога Жозе Мурињо беше отпуштен поради лошата серија. 48-годишниот Италијанец вели дека притисокот е тука постојано.

„Мислам дека секој тренер, секој менаџер го чувствува притисокот. Кога ќе дојдам дома сум среќен бидејќи знам дека го поставувам целиот мој фокус за клубот, за фановите за моите играчи. Но, во фудбалот може да се случи сè“, објаснува Конте.

Scroll to Top