Top Sport

Нема истрага против Сити и ПСЖ, Тебас не доставил доволно докази

Нема да има судска постапка против Манчестер Сити и Пари Сен Жермен, по жалбата на првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас, дека двата клуба го прекршиле Законот за конкуренција на Европската унија. Тебас ги пријави Манчестер Сити и Пари Сен Жермен во Европската комисија со тврдење дека користат пари од странски земји за финансирање.

Првиот човек на Ла Лига ги пријави Манчестер Сити и Пари Сен Жермен во Европската комисија уште во јуни 2023 година. Во своето тврдење, тој наведува дека два клуба користат пари од Абу Даби и Катар, дека на овој начин ги кршат законите, го нарушуваат пазарот и дека тоа им овозможува да трошат повеќе од другите клубови за доведување и плаќање на играчи и тренери, претставувајќи ги тие државни пари како спонзорство.

Двата клуба ги негираа овие тврдења и додадоа дека ова не е прв напад на Тебас врз нив и дека сè се базира на неговата завист и љубомора.

Сепак, речиси две години подоцна, јасно е дека нема да има формална истрага.

Комисијата има ограничени ресурси за спроведување истраги, а „Гардијан“, повикувајќи се на свои извори во Брисел, наведува дека Комисијата главно истражува случаи за кои верува дека можат да се развијат во случаи што ќе имаат импликации во повеќе области.

Исто така, се додава дека Тебас не презентирал доволно докази што би довеле до покренување официјална истрага, иако овој случај би се вклопил во она што го сака Брисел, случај што би имал импликации во неколку области.

Комисијата не објави ништо друго освен она што го објави во февруари, кога беше наведено дека можеби ќе ги истражи информациите што ги добила.

Scroll to Top