Францускиот фудбалски селектор Дидие Дешам повторно го изостави од списокот напаѓачот на Милан, Оливие Жиру (35) за Фајнал фор во Лигата на нации на УЕФА. Во селекцијата пак се вратени дефанзивците на Баерн Минхен – Лукас Хернандес и Бенџамин Павар.
На местото на Нголо Канте кој е заразен со коронавирусот, повик доби играчот на Марсеј, Матео Гандузи.
Жиру, кој беше во составот на „петлите“ на СП во 2018 година е во втор план кај Деѓам откако во националниот тим се врати Карим Бензема.
Жиру за Франција одигра 110 натпревари и постигна 46 гола.
Фајнал фор во Лигата на нации на УЕФА ќе се одржи од 6. до 10. октомври во Милано и Торино.
Во полуфиналето на 6-ти на „Сан Сиро“ Шпанија игра против Италија, а ден подоцна во Торино Белгија ќе ги одмери силите со Франција. Финалето е на 10-ти на стадионот во Милано.
Ова е составот на Франција за овој турнир:
Голмани: Уго Лорис, Мајк Мањан, Беноа Костил.
Дефанзивци: Лукас Дињ, Лео Дубоа, Лукас Хернандес, Преснел Кимпембе, Жул Кунде, Бенџамин Павар, Дајот Упамекано и Рафаел Варан.
Среден ред: Матео Гандузи, Тео Ернандез, Пол Погба, Адриен Рабио, Аурелиен Туамени и Џордан Верету.
Напаѓачи: Висам Бен Едер, Карим Бензема, Муса Диаби, Антоан Гризман, Антоан Марсијал и Килијан Мбапе.