Фудбалскиот клуб Палермо наредната сезона ќе игра во Серија Д, четвртиот ранг во италијанскиот фудбал, откако Фудбалскиот сојуз на Италија ги одбил финансиските гаранции што клубот ги приложил за настап во Серија Б.
Сицилијанците, поради финансиските малверзации на поранешниот сопственик Маурицио Ѕампарини, се најдоа во големи проблеми. Постоеше варијанта клубот да не заврши во Серија Д, туку да плати парична казна и да стартува во Серија Б со минус од 20 бода, но од тоа нема да има ништо.
Контоверзниот Ѕампарини „перел пари“ дирекно преку клубот, откако Палермо го продал на компанија која тој ја основал, а пота за минимална сума го откупил.
Клубот минатата сезона ја заврши на третото место, но не стигна да игра во баражот за пласман во Серија А, откако беа откриени нелегалните активности на Ѕампарини.
Ситуацијата во која се наоѓа Палермо поттикна егзодуз на фудбалерите. Неколкумина веќе заминаа од „Ренцо Барбера“, а се очекува тоа да го направат и Македонците Илија Несторовски и Александар Трајковски.
Несторовски се поврзува со трансфер во Удинезе, а најголем интерес за Трајковски покажале од Салернитана.