Top Sport

Нескенс: Холандските таленти се „трошат“ во странските клубови

Поранешниот холандски репрезентативец Јохан Нескенс вели дека странските клубови го спречуваат растот на холандските фудбалери со тоа што потпишуваат договори со нив додека се млади, а потоа ги ставаат во резервните тимови.

Холандија не успеа да се квалификува на последните две големи фудбалски натпреварувања – Европското првенство во 2016 и Светското првенство во Русија следната година. Нескенс верува дека лошата низа ќе престане, но е алармиран од однесувањето кон младите фудбалери.

„Богатите клубови секогаш бараат добри млади играчи, им нудат добри договори, работа за тато и мама, куќа и секако дека ќе си заминат. Тие можеби никогаш не виделе толку пари во животот, но дискутабилно е колку е тоа добро за младиот фудбалер“, вели Нескенс во интервју за „Ројтерс“.

Нескенс, кој играше во средниот ред и беше дел од славниот холандски состав од 1970-тите познат по „Тоталниот фудбал“, трипати беше европски шампион со Ајакс предводен од Јохан Кројф.

Славните денови се далеку за холандските клубови, кои не можат финансиски да се борат со англиските, шпанските и германските клубови, кои имаат богати ТВ-договори. Во моментов тие служат како „храна“ за големите лиги.

„Проблемот е што кога фудбалерот ќе се пресели, не добива место во првиот тим, и игра како резерва. Ги губиме талентите и тоа не е добро. Има млади деца како Мемфис Депај, кој отиде во Манчестер јунајтед, каде што не играше и не можеше да игра за репрезентацијата. Тука е и Дејви Класен, кој си замина од Ајакс како капитен, а во Евертон воопшто не игра. Кога големите клубови трошат 200 милиони евра за еден играч, холандските тимови трошат 10 до 15 милиони евра годишно за целиот тим“, додава Нескенс.

 

Scroll to Top